Началникот на Генералштабот на француските вооружени сили, генерал Фабиен Мандон, соопшти дека Франција активно ги подготвува своите вооружени сили за можен судир со Русија во рок од три до четири години. Во интервју за „Квест Франс“ и претходно пред пратениците во Парламентот, Мандон нагласи дека армијата мора да биде подготвена за најлошо сценарио, согласно безбедносните процени и геополитичките трендови.
Генералот посочи дека претседателот Емануел Макрон побарал од него да достави опции за гарантирање на националната безбедност и заштита на интересите на Франција. Тој нагласи дека руските воени активности и нивната еволуција во последните години го наметнуваат потребното внимание.
„Русија ја смета Европа за слаба. Гледаме како таа се реорганизира за можно директно соочување со земјите од НАТО. Мораме да бидеме подготвени“, изјави Мандон, наведувајќи примери од руските интервенции во Грузија (2008), Крим (2014) и целосната инвазија врз Украина (2022).
Мандон потврди дека овие процени се споделуваат и од сојузничките разузнавачки служби, вклучително и Германија, Велика Британија и САД, кои предупредуваат на вклучувањето на Русија во глобални стратешки партнерства со Кина, Иран и Северна Кореја.
Во рамките на подготовките, француската армија редовно учествува во обемни воени вежби против сценарија со моќен противник. За следната година е најавена големата вежба „Орион 2026“, во која ќе земат учество и сојузнички држави.
Генералот истакна дека во случај на потенцијален напад, одбраната нема да зависи само од армијата.
„Овој тип на шок бара целосна мобилизација на општеството. Нашата сила лежи во единството. Ако Русија успее да нè подели, ќе има предност,“ предупреди Мандон.
Во таа насока, како примери за обиди за дестабилизација, тој ги наведе поставувањето лажни ковчези пред Ајфеловата кула и свинските глави пред повеќе џамии, што властите ги квалификуваа како провокации со цел поттикнување поделби.























