Русија продолжува да ја анализира изводливоста на евентуално спроведување нови нуклеарни тестирања, но засега нема конкретни одлуки или нови информации, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Работата по ова прашање е во тек, во согласност со упатствата на претседателот Владимир Путин. Засега нема нови информации“, рече Песков, пренесува РИА Новости.
Тој истакна дека Русија досега не добила објаснувања од Соединетите Американски Држави во врска со наводните подготовки или спроведување нуклеарни тестови од американска страна.
„Не е поднесено барање за разговори. Повторувам, постои можност тие разговори да се организираат брзо, но засега нема ново. Немаме добиено никакви објаснувања од американските партнери“, изјави Песков, пренесува Танјуг.
Темата за можно возобновување нуклеарни тестови повторно стана актуелна во услови на засилени тензии меѓу Москва и Вашингтон и нарушени механизми на меѓународна контрола на вооружувањето.























