Претседателот на Франција Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Париз одржуваат серија средби посветени на американскиот план за запирање на војната во Украина, пишува францускиот „Монд“.
Од Елисејската палата соопштија дека двајцата лидери ќе започнат со работен ручек, по што е планирана тет-а-тет средба и заедничка прес-конференција. Ова е десетта посета на Зеленски на француската престолнина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Средбата се случува веднаш по разговорите меѓу официјални делегации од САД и Украина во Флорида и во пресрет на утрешната посета на американскиот пратеник Стив Виткоф на Москва, каде што треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Изминатиот викенд беше одбележан со ново насилство: Русија истрела ракети кон Киев, при што загинаа неколку лица, а десетици беа повредени. Истовремено, Украина презеде одговорност за нападите со дронови врз танкери од т.н. „фантомска флота“, која Москва ја користи за заобиколување на санкциите за извоз на сурова нафта.



























