Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека неговата влада нема да дозволи земјата да биде дел од ниту една финансиска шема на Европската унија насочена кон поддршка на Украина во војната.
„Одбивам да дозволам Словачка да учествува во каква било финансиска шема насочена кон помош на Украина во управувањето со војната и воените трошоци“, порача Фицо на прес-конференција.
Владата во Братислава ја суспендираше државната воена помош за Украина уште во 2023 година, веднаш по доаѓањето на Фицо на власт. Тој повтори дека решението за конфликтот не може да се најде на бојното поле, туку преку преговори.
И додека лидерите на ЕУ се согласија да ги задоволат итните финансиски потреби на Украина во следните две години, одобрувањето на планот за користење на замрзнатите руски средства за заем од 140 милијарди евра беше одложено.
Фицо ги критикува и санкциите на Унијата против Русија, оценувајќи дека тие повеќе ѝ штетат на европската економија отколку на Москва.































