Европската комисија денеска соопшти дека ќе обезбеди финансиска поддршка во износ од 2,3 милијарди евра за Украина, со цел да ѝ помогне во обновата на штетите предизвикани од руската инвазија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на конференција за обновата на Украина која се одржува во Рим, истакна дека пакетот вклучува 1,8 милијарди евра гаранции за кредити и 580 милиони евра неповратни средства, обезбедени од меѓународни и билатерални јавни финансиски институции.
На денот на конференцијата, Киев повторно беше цел на масовен воздушен напад – втор за само два дена – при што беа лансирани стотици руски дронови и повеќе проектили. Во нападот загинаа две лица, а Украина побара итна поддршка од своите партнери.
Вкупната сума е дел од поширокиот Инвестициски рамковен план за Украина, кој, според Европската комисија, треба да мобилизира до 10 милијарди евра инвестиции.
Фон дер Лајен најави и формирање нов фонд за обнова на Украина, поддржан од Европската инвестициска банка, како и од Франција, Германија, Италија и Полска. Фондот ќе стартува со почетен капитал од 220 милиони евра, а целта е до 2026 година да се мобилизираат вкупно 500 милиони евра.