Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го посети Сарај и населените места Рашче и Љубин, каде беше придружуван од советникот во Град Скопје Мартин Стојановски и д-р Ристо Симеонов. Во рамки на посетата, Ѓорѓиевски оствари средби со жителите од различни етнички заедници, потенцирајќи дека Скопје им припаѓа на сите.

„Ја побарав поддршката од сите – и од Македонци, и од Албанци, Бошњаци, Власи, Роми… затоа што Скопје е на сите нас! Проблемите се заеднички – и во Драчево, и во Рашче“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека граѓаните не добиваат ни минимум од тоа што им припаѓа и вети целосна теренска посветеност, транспарентност и работа во интерес на сите жители, без разлика каде живеат.

„Јас не работам од канцеларија. Јас сум секогаш на терен, со луѓето. Ќе одам во секое населено место, ќе се сретнам со сите – лице в лице. Нема празни ветувања, туку работа и одговорност“, порача Ѓорѓиевски.

Тој најави дека програмата за Скопје ќе се креира заедно со граѓаните, преку отворен дијалог и директни средби. Проблемите со доцнењето на автобусите, лошата состојба на улиците и недостигот од хигиена, како што рече, ќе бидат решени во наредните четири години.

„Скопје конечно ќе биде град каков што заслужуваме. Завршија поделбите и лагите – време е за работа“, заклучи Ѓорѓиевски.