И покрај заедничките напади на САД и Израел минатиот месец, дел од подземните залихи на збогатен ураниум на Иран успеале да преживеат и можеби сè уште се достапни за иранските нуклеарни инженери, јавува Њујорк тајмс, повикувајќи се на неименуван висок израелски функционер со пристап до разузнавачки информации.
Според израелски извори, нема непосредна загриженост заради преостанатиот ураниум. Тие веруваат дека секој обид на Иран да го реактивира тој дел од својот нуклеарен арсенал речиси сигурно би бил откриен на време, оставајќи простор за евентуален нов напад.
Претходно, по заедничкиот американско-израелски напад, администрацијата на претседателот Доналд Трамп тврдеше дека иранската нуклеарна програма е „уништена“.
Израел уште кон крајот на минатата година почнал да се движи кон воена интервенција против Иран, откако разузнавачките податоци укажале на интензивирана активност за развој на нуклеарно оружје како дел од таен проект. Според изворот на Њујорк тајмс, тие информации биле споделени со САД.
Сепак, неколку месеци пред нападот, американските власти изјавија дека не веруваат оти Иран донел одлука да изгради нуклеарна бомба.