
По осум години тивки, но интензивни дипломатски преговори, Европската Унија и Австралија конечно стигнаа до историски договор за слободна трговија, потег што може значително да ја прекрои економската мапа меѓу двата партнера.
Веста ја објавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и австралискиот премиер Ентони Албанезе, истакнувајќи дека договорот отвора нова ера на економска соработка. Во сржта на договорот лежи амбициозната цел: целосно укинување на царините и олеснување на трговските процедури, со што се очекува силен раст на размената на стоки и услуги.
Договорот претставува јасен сигнал за стратегиското преориентирање на Европа во време на зголемени глобални тензии. Брисел активно бара нови, сигурни партнери, особено во услови на заладени односи со Кина и неизвесност во трансатлантските врски со Соединетите Американски Држави.
Во своето обраќање од Канбера, фон дер Лајен нагласи дека договорот е повеќе од трговски инструмент, тој е одговор на новата геополитичка реалност. Таа потенцираше дека во свет каде тарифите стануваат средство за притисок, а синџирите на снабдување ранливи точки, довербата и правилата се клучот за стабилност.
Паралелно со економската рамка, двете страни отвораат и ново поглавје во безбедносната соработка. Новото стратешко партнерство ќе се фокусира на зајакнување на одбранбените капацитети, кибер-безбедноста и отпорноста кон хибридни закани, како и заедничка борба против тероризмот и екстремизмот.























