
Цените на нафтата повторно бележат раст на азиските пазари, при што суровата нафта од типот Брент ја надмина психолошката граница од 100 долари за барел. Зголемувањето доаѓа по новите геополитички тензии, откако Иран ги демантираше наводите за разговори со САД за прекин на конфликтот во Персискиот Залив.
Ова доаѓа во контекст на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно посочи дека постои можност за скорешен договор за прекин на огнот.
Фјучерсите за „брент“ нафтата, која е репер за европскиот пазар, пораснаа за околу 4 долари или 4 проценти, достигнувајќи 103,94 долари за барел. Истовремено, американската лесна сурова нафта поскапе за 3,49 долари, односно исто така за околу 4 проценти, и се тргуваше по цена од 91,62 долари за барел.
Само еден ден претходно, цените на нафтата паднаа за повеќе од 10 проценти, откако Трамп најави петдневно одложување на планираните американски напади врз ирански енергетски објекти, посочувајќи дека биле постигнати одредени напредоци во комуникацијата со ирански претставници.
Пазарните аналитичари оценуваат дека ваквото одложување привремено ја намалило таканаречената „воена премија“ во цената на нафтата, но неизвесноста останува висока.























