
Економските и туристичките последици од конфликтот на Блискиот Исток веќе се чувствуваат во Европа. Војната помеѓу САД, Израел и Иран влезе во својата четврта недела, а преговори за мир сè уште не се на видик. Експертите предупредуваат дека што подолго трае конфликтот, толку посилен ќе биде ударот врз економијата – од поскапување на нафтата и горивата за авионите до раст на цените на храната, ѓубривата и транспортот. Особено драматични се последиците за авиопревозот, каде што веќе се најавени поскапувања на билетите поради недостиг на авионско гориво.
Туризмот, исто така, чувствува потреси. Според „Гардијан“, се зголемува бројот на европски туристи кои го менуваат своето летување и ги избегнуваат традиционалните дестинации во источниот Медитеран. Туристите од Германија, Полска, Франција и Велика Британија наместо кон Турција, Кипар и Грција, се насочуваат кон Италија, Шпанија, Малта и Хрватска. Причината е двојна: затворен воздушен простор во делови од регионот и страв од можни воздушни напади од Иран.
Македонските туристички агенции засега не пријавуваат масовни откажувања. Кавадаречка агенција наведува дека велигденските резервации и летните аранжмани се одвиваат нормално, а интересот за Турција и Египет е намален, но незначително. Скопска агенција додава дека за Турција и Хургада се регистрирани само поединечни откажувања.
Министерството за култура и туризам на Република Турција и Агенцијата за промоција на туризмот потврдуваат дека туристичките активности низ целата земја се одвиваат без никакви ограничувања. Популарните дестинации како Истанбул, Анталија, Бодрум, Измир и Кападокија работат редовно, хотелите и турите функционираат според план, а сите летови кон и од турските аеродроми се реализираат според распоред.






















