Израелските сили извршија серија воздушни напади врз Појасот Газа во одмазда за смртта на израелски војник, при што според Министерството за здравство во Газа загинаа најмалку 104 лица, меѓу кои 46 деца и 20 жени.
Армијата на Израел соопшти дека нападите биле насочени кон десетици милитанти на Хамас, командни пунктови, складишта за оружје и подземни тунели. Меѓу целите бил и висок командант на Хамас поврзан со нападот врз кибуц во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
Според израелската страна, војникот бил убиен во напад извршен во зоната каде што нивните трупи се повлекле согласно договорот за прекин на огнот од 10 октомври. Хамас ги негира обвинувањата дека стои зад нападот.
Во северниот дел на Газа, израелската армија изврши дополнителен воздушен удар врз областа Беит Лахија, за која тврди дека се користела за складирање оружје. Палестински извори потврдија дека таму загинале две лица.
Меѓу најтешко погодените е семејството Абу Далал од Нусеират, чии членови загинале во ноќен напад што целосно ја уништил нивната куќа.
И покрај жестоките напади, израелските власти соопштија дека и натаму ќе го почитуваат прекинот на огнот, реагирајќи само на, како што велат, „директни прекршувања“.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека примирјето „не е загрозено“ и дека Израел има право на одговор. Катарскиот премиер, шеик Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, посредник во преговорите, го опиша новиот бран насилство како „многу разочарувачки и фрустрирачки“.
Жителите на Газа сведочат дека ноќта под бомбардирање ја доживеале како враќање на војната. „Експлозиите беа непрекинати, мислевме дека сè започнува одново“, изјави Исмаил Зајда, раселен Палестинец од градот Газа.
Договорот за примирје предвидуваше ослободување на сите живи заложници од Хамас во замена за речиси 2.000 палестински затвореници, како и враќање на останките на загинатите заложници — обврска што, според Израел, организацијата ја прекршила со доцнење и неточни информации.































