Еден од активните вулкани на рускиот полуостров Камчатка еруптираше, додека уште четири остануваат активни во областа, соопштија локалните власти. Станува збор за вулканите Кључевскаја, Шивелуч, Каримски, Безимењ и Камбални, кои покажуваат зголемена активност, пренесе агенцијата „Интерфакс“.
Руските власти апелираа до жителите и туристите во регионот да се воздржат од патување и пешачење во радиус од најмалку 10 километри околу вулканите, поради потенцијалната опасност од нови ерупции или лизгање на вулкански материјал.
Во изминатите 24 часа, на територијата на Камчатка биле регистрирани дури 22 силни земјотреси. Ситуацијата се следи со засилен сеизмички мониторинг, но засега нема извештаи за човечки жртви или значителна материјална штета.
Особено внимание привлече земјотресот со магнитуда од 8,8 степени според Рихтеровата скала, кој беше регистриран на 30 јули покрај брегот на Камчатка. Станува збор за најсилниот земјотрес во овој регион од 1952 година. По него следуваше низа последователни потреси, како и појава на цунами бранови со висина до четири метри.
Росгидромет (Руската служба за хидрометеорологија и мониторинг на животната средина) и натаму го следи развојот на ситуацијата и ги повикува граѓаните на претпазливост и почитување на препораките на надлежните институции.