Возењето електрични тротинети во Германија станува сè поголем безбедносен предизвик, а експертите бараат итни измени на прописите и воведување на технички стандарди за поголема сигурност. Според нив, сегашните правила дозволуваат премногу слобода, што резултира со раст на бројот на сообраќајни несреќи.
Зигфрид Брокман од Фондацијата „Бјорн Штајгер“ предупредува дека тротинетите мора да бидат побезбедни и постабилни, предлагајќи зголемување на дијаметарот на тркалата од сегашните осум на најмалку десет инчи. Тоа, според него, би го намалило ризикот од превртување и заглавување при возење по нерамнини.
Минатата година во Германија биле регистрирани речиси 12.000 сообраќајни несреќи со електрични тротинети — зголемување од 25 проценти во однос на претходната година. Во нив животот го загубиле 27 лица. Анализа на околу 10.000 случаи покажа дека бројот на повредени и загинати во вакви инциденти континуирано расте.
Во моментов, германските закони дозволуваат секој постар од 14 години да управува со електричен тротинет без никаква обука или тест за сообраќајни правила. Брокман смета дека тоа мора да се промени и предлага воведување обврзителен испит сличен на оној за мопед, со минимална возраст од 15 години.
Покрај тоа, експертите бараат полицијата да врши почести контроли, бидејќи алкохолот е фактор во голем број од регистрираните несреќи.
Иако дел од јавноста бара задолжително носење кацига, Брокман смета дека моменталните податоци не го оправдуваат тоа, туку приоритет треба да биде подобра едукација и техничка безбедност на самите тротинети.