Германската одбранбена компанија „Рајнметал“ потпиша договор со Украина за испорака на модерни противвоздушни системи „Скајренџер 35“, поставени на шасија од тенкот „Леопард 1“, објави компанијата.
Генералниот директор Армин Папергер изјави дека компанијата е благодарна за довербата од Украина и нагласи дека проектот се реализира со финансиска поддршка од една земја-членка на ЕУ, која го финансира купувањето преку замрзнатите руски средства.
Вредноста на договорот се проценува на стотици милиони евра, се наведува во соопштението на „Рајнметал“.
Системот „Скајренџер 35“ има капацитет за истрелување до 1.000 куршуми во минута и ефективен дострел до четири километри. Тој е наменет за одбрана од нисколетачки цели, особено беспилотни летала, и обезбедува зголемена мобилност и заштита во борбени услови.
Овој договор ја потврдува намерата на Германија и „Рајнметал“ најавена уште во септември — да ја зајакнат противвоздушната одбрана на Украина со најсовремена технологија.