Европската Унија планира изградба на континентална мрежа на брзи железници што ќе ги поврзе сите престолнини и големи урбани центри, создавајќи најголем инфраструктурен проект во својата историја. Проектот, наречен Европска мрежа на брзи железници и промовиран од здружението CER (Заедница на европски железнички и инфраструктурни компании), ќе биде вреден 546 милијарди евра и наскоро треба да добие официјално одобрување од Европската комисија.
Планот предвидува изградба и модернизација на над 49.400 километри железнички пруги, каде што возовите ќе достигнуваат брзини од 250 до 350 километри на час. Новата мрежа ќе ги опфати сите главни градови, како и урбани области со повеќе од 250.000 жители, вклучувајќи градови како Солун, Љубљана, Краков и Марсеј.
Извршниот директор на CER, Алберто Макола, истакна дека целта е железницата да стане главен облик на транспорт во Европа. Според проценките, во иднина 50% од патувањата на долги релации ќе се одвиваат со брзи возови, а 20% ќе користат стандардни линии.
Проектот е дел од Европскиот зелен план, со цел намалување на емисијата на стакленички гасови од транспортот за 90% до 2050 година. Патувањата ќе бидат значително пократки – од Атина до Истанбул за само четири часа и од Мадрид до Милано за помалку од шест часа, што ќе ги направи брзите возови конкурентни на авионскиот сообраќај на пократки релации со помал еколошки отпечаток.