Британија денеска соопшти дека два авиони на Кралското воено воздухопловство реализирале дванаесетчасовна заедничка мисија со сили на САД и НАТО, патролирајќи долж границата со Русија. Акцијата следела по неколку неодамнешни упади на руски дронови и авиони во воздушниот простор на земјите членки на НАТО.
„Ова беше важна заедничка мисија со нашите сојузници од САД и НАТО,“ изјави британскиот министер за одбрана Џон Хили. „Не само што ни овозможува важни разузнавачки податоци за зголемување на оперативната свест на нашите вооружени сили, туку испраќа и силна порака за единството на НАТО до рускиот претседател Владимир Путин и до нашите противници.“
Во операцијата учествувале специјалниот британски извидувачки авион RC-135 Rivet Joint, специјализиран за електронско надгледување, и морнаричкиот патролен авион P-8 A Poseidon, кои летале од арктичкиот регион, минувајќи покрај Белорусија и Украина. Американскиот авион за дополнување гориво KC-135 обезбедил поддршка за патролата.
Британија нагласува дека мисијата следела по упади во воздушниот простор на НАТО-земји, меѓу кои Полска, Романија и Естонија. Претходно оваа година, лидерите на Европската унија го поддржаа планот за зајакнување на одбраната на блокот од руски дронови.