Тајван во првата половина од 2025 година увезол руска нафта во вредност од 1,3 милијарди долари — повеќе отколку од која било друга земја, објави CNN повикувајќи се на извештај на Хелсиншкиот Центар за истражување на енергија и чист воздух (CREA). Овој податок доаѓа иако Тајпеј јавно се противи на руската инвазија врз Украина и има воведено санкции против Москва.
Извештајот покажува дека од почетокот на руската агресија во 2022 година, Тајван потрошил над 4,9 милијарди долари за набавка на руска сурова нафта. Само во првите шест месеци од оваа година, земјата увезла 1,9 милиони тони руска нафта — речиси шестпати повеќе во однос на 2022 година.
Пратеникот на владејачката Демократска прогресивна партија, Пума Шен, изјави дека растечката зависност од руската енергија претставува „закана за националната безбедност“, особено поради блиските односи меѓу Москва и Пекинг. Кина, која го смета Тајван за дел од својата територија, би можела да го искористи ова енергетско влијание како средство за политички притисок.
Иако тајванската влада по руската инвазија се приклучи на западните санкции, не воведе забрана за увоз на руски фосилни горива, за разлика од ЕУ и САД. Министерството за економија соопшти дека државната компанија CPC престанала со набавки од Русија во 2023 година, но приватниот нафтен гигант Formosa Petrochemical драстично го зголемил својот увоз.
Формоса во првите шест месеци од 2025 година ја зголемила зависноста од руската сурова нафта од 9% пред инвазијата на дури 90%. Компанијата тврди дека увозот ги следи глобалните пазарни услови и дека сите пратки се усогласени со меѓународните санкции.
Извештајот на CREA предупредува дека продолжувањето на ваквите зделки може да го изложи Тајван на геополитички ризици и финансиска зависност. Авторот на извештајот, Хсин Хсуан Сан, повика владата и енергетските компании да изготват план за постепено укинување на руската нафта:
„Тајван не може да си дозволи да го игнорира влијанието на санкциите. Со секој барел купен од Русија, се финансира машинеријата на Кремљ,“ нагласи тој.