Украинската служба за безбедност (СБУ) изведе утрински напад со дронови врз руска рафинерија за нафта во Република Башкортостан, длабоко во внатрешноста на Русија, јави Kyiv Independent, повикувајќи се на извор од агенцијата. Нападот предизвика серија експлозии и голем пожар во постројката „Башнафта-УНПЗ“ во градот Уфа, еден од најголемите центри на руската нафтна индустрија.
Според изворот, мета биле единиците за преработка на сурова нафта, а по експлозиите бил забележан густ облак црн чад над индустриската зона. На местото на настанот се упатени повеќе противпожарни екипи, но засега не се познати размерите на штетата.
Руското министерство за одбрана соопшти дека биле соборени пет украински беспилотни летала над Башкортостан, но не даде детали за евентуални оштетувања.
Ова е четврти напад во последниот месец на украински дронови во регионот. Претходно, СБУ и украинската воена разузнавачка служба (ГУР) изведоа неколку напади врз петрохемиски погони на „Газпром Нефтехим Салават“ и „Башнефт-Новојл“ во истиот регион.
Врховниот командант на украинските вооружени сили, Олександр Сирски, изјави денеска дека како резултат на овие напади, рускиот капацитет за преработка на нафта е намален за 21 процент, што довело до недостиг на гориво во неколку руски региони.
Истовремено, Русија во последните недели ги засили нападите врз украинската енергетска инфраструктура, предизвикувајќи големи прекини на електрична енергија во Киев и други градови.