Повеќе од 1.400 луѓе загинаа, а над 3.250 се повредени во разорниот земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала, кој во неделата вечерта го погоди источен Авганистан. Најголем дел од жртвите се регистрирани во провинцијата Кунар, а властите предупредуваат дека бројот на загинати може дополнително да се зголеми, бидејќи спасувачките екипи сè уште трагаат по преживеани во планинските и тешко пристапни села.
Земјотресот нанел голема материјална штета – уништени се бројни села во провинциите Кунар и Нангархар, во близина на градот Џалалабад. Американскиот геолошки завод (USGS) соопшти дека епицентарот бил на околу 27 километри источно од Џалалабад, на длабочина од осум километри, што објаснува големата разурнувачка сила.
По главниот удар следуваа и неколку помали потреси. Ситуацијата во погодените региони е критична, а спасувачите се во трка со времето за да спасат што е можно повеќе животи.