Катастрофалните поплави кои го погодија Тексас во саботата навечер однесоа најмалку 50 животи, а потрагата по десетици исчезнати деца продолжува, објавија локалните власти.
Најтешко погоден е округот Кер, каде загинаа 43 лица, додека седум жртви се потврдени во други три окрузи. Силен пороен дожд во петокот предизвика излевање на реката Гвадалупе, што ја зафати пошироката област.
Особено тешка е ситуацијата во летниот камп Camp Mystic, каде 27 девојчиња се водат како исчезнати. Градскиот управител на Кервил, Далтон Рајс, предупреди дека бројот на исчезнати може да биде и повисок.
До сега се спасени најмалку 237 лица, од кои повеќе од 100 се извлечени со хеликоптери, а нивото на водата полека се повлекува.
На прашање за федералната помош, претседателот Доналд Трамп кратко изјави: „Ќе се погрижиме за нив“, без дополнителни детали.
Овие поплави се сметаат за една од најсмртоносните природни катастрофи во модерната историја на Тексас, а службите и натаму работат на пронаоѓање на исчезнатите и поддршка на погодените семејства.