
Фудбалот на Мундијалот во 2026 година изгледа ќе зачекори уште подлабоко во ерата на технологијата, а најголемата промена овојпат доаѓа од самата топка.
Новата официјална топка, моделот Трионда на Адидас, нема да биде само класична спортска опрема, туку мал технолошки уред на теренот. Во нејзината внатрешност ќе биде вграден напреден сензорски систем кој ќе ги регистрира секој допир, движење и промена на траекторијата во реално време. Со други зборови, топката „ќе гледа“ и „ќе памети“ сè што се случува со неа.
Информациите што ќе ги собира нема да остануваат само за статистика. Тие директно ќе се испраќаат до ВАР-системот, каде ќе служат како дополнителна алатка за судиите. Очекувањата се дека ова ќе ја забрза анализата на спорни ситуации: од офсајд одлуки до контроверзни контакти и можни прекршоци.
Она што ја прави оваа технологија уште поинтересна е фактот дека топката ќе работи со вградена батерија со ограничен капацитет од околу шест часа. Практично, тоа значи дека пред секој натпревар ќе мора да се полни, исто како мал електронски уред, пред да излезе на терен.
Овој технолошки скок доаѓа токму во пресрет на Светското првенство, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико и за првпат ќе брои 48 репрезентации. Освен новиот формат, турнирот ќе остане запаметен и како издание во кое „живата“ технологија ќе стане дел од самата игра.















