
Општина Центар најавува нови правила во начинот на кој ќе се организира паркирањето, со цел, како што велат од локалната власт, конечно да се стави ред во еден од најоптоварените делови на Скопје.
Градоначалникот Горан Герасимовски во гостување на Сител телевизија објасни дека се подготвува нов правилник кој треба да ја коригира сегашната состојба, во која бројот на возила значително ја надминува реалната паркинг-капацитетност.
Според најавите, првото возило на жителите од Центар ќе продолжи да биде бесплатно, но за секое следно ќе се воведува наплата, додека третото и сите наредни ќе се третираат како луксуз.
„Нереално е во едно домаќинство да има три или четири автомобили, а потоа да се очекува дека ќе има слободно место пред зграда“, порача Герасимовски, нагласувајќи дека постојниот притисок врз паркинг-просторот е неодржлив.
Тој објасни дека новите правила се базирани на долга анализа – околу година и половина работа на ЈП ПОЦ и Општина Центар, дополнета со разговори со граѓаните. Податоците, како што истакна, покажуваат јасен дисбаланс: околу 15.800 издадени налепници за паркирање наспроти приближно 6.100 реални паркинг-места.
Дополнителен проблем, според него, претставувале и злоупотребите на системот, особено преку пријавување фиктивни адреси и користење поволности од лица кои всушност не живеат во општината.
„Идејата е оние што навистина живеат тука, со едно возило, да имаат можност нормално да паркираат пред својот дом“, порача градоначалникот.
Тој додаде и дека сегашниот модел на одржување на паркинзите не е финансиски одржлив, посочувајќи дека со симболични годишни надоместоци не може да се обезбеди уреден, осветлен и контролиран систем.
Во своето обраќање Герасимовски се осврна и на фактот дека дел од јавните паркиралишта, како оние во Капиштец, кај „Нова Македонија“ и во близина на Цветен пазар, остануваат полупразни во вечерните часови, и покрај тоа што постои хроничен недостиг од слободни места во станбените зони.
Новите мерки, според најавите од Општина Центар, треба во наредниот период да донесат појасни правила, подобра распределба на простор и, пред сè, повеќе достапни места за жителите кои секојдневно се соочуваат со проблемот на паркирање.















