Кралски договор за Роналдо: Нов четиригодишен мега-договор со Ал Наср
Кристијано Роналдо го продолжи својот престој во Ал Наср до 2027 година, откако потпиша нов договор вреден астрономски 577,68 милиони евра, пренесува британскиот The Sun.
Португалската фудбалска легенда, која наскоро ќе наполни 40 години, ќе остане дел од клубот најмалку до својата 42. година, со основна дневна плата од неверојатни 573.000 евра. Оваа нова спогодба го прави Роналдо еден од најплатените спортисти во историјата на професионалниот спорт.
Дополнително, Роналдо ќе стане и „амбасадор од соништата“ за Саудиска Арабија, улога што ќе му донесе дополнителни приходи и ќе ја зацврсти неговата позиција како глобален промотор на фудбалот во регионот.
Според деталите од договорот, Португалецот ќе заработи годишна плата од 209 милиони евра, како и бонус за потпишување во висина од 28 милиони евра. Доколку ја активира и втората дополнителна година од договорот, тој бонус ќе се зголеми на 44 милиони евра.
Во рамки на договорот, Роналдо ќе добие и 15% сопственички удел во клубот, проценет на 39 милиони евра. Освен тоа, за секоја поединечна награда и титула ќе следуваат нови бонуси – 4,7 милиони евра за „Златна копачка“ и 9,39 милиони евра ако Ал Наср ја освои титулата.
Со сите овие дополнителни бенефиции, Роналдо има потенцијал да инкасира повеќе од половина милијарда евра пред истекот на неговиот нов договор – вистински кралски аранжман за еден од најголемите фудбалери на сите времиња.