
За првпат во Македонија ќе се одржат „Спортските игри за млади“, регионален проект кој има за цел да ги обедини децата од Балканот преку спортот и здравите навики. Проектот се реализира под покровителство на Министерството за спорт, а со приклучувањето, земјава станува дел од големото спортско семејство во кое веќе учествуваат Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина.

По тој повод, во Владата беше организиран прием од страна на премиерот Христијан Мицкоски, на кој присуствуваа претставници на спортските федерации што го поддржуваат проектот.
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, истакна дека учеството во ваква иницијатива претставува значаен чекор за развојот на младинскиот спорт.

„Како претседател на ФФМ, ми претставува чест што заедно со селекторот на А репрезентацијата ја претставувавме федерацијата и ја дадовме нашата поддршка на овој важен проект“, изјави Омерагиќ.
Тој нагласи дека ваквите иницијативи придонесуваат за создавање нови пријателства меѓу младите, поттикнување на здрави животни навики и ширење на позитивни вредности.
„Децата се нашата иднина, а спортот е нивниот најубав пат кон успехот“, порача Омерагиќ.























