
Скопје од 4 до 7 јуни ќе биде домаќин на 11-то издание на Европската конвенција за минибаскет, настан кој ќе ги собере тренерите од повеќе европски земји специјализирани за работа со најмладите категории во кошарката.
Конвенцијата е организирана од Кошаркарската федерација на Македонија во партнерство со ФИБА, а целта е унапредување на знаењата и методите на тренерската работа преку едукативна програма што комбинира теоретски сесии и практична примена на терен.
Според организаторите, фокусот на настанот е ставен на развојот на децата на возраст од 7 до 12 години, период кој се смета за клучен во создавањето на љубовта кон кошарката и формирањето на спортските навики.
Генералниот секретар на Кошаркарската федерација, Томче Стојчевски, истакна дека вложувањето во најмладите претставува директна инвестиција во иднината на спортот, нагласувајќи ја важноста на квалитетната работа во базата.
Практичниот дел од програмата ќе се одвива во салата „Лазар Лечиќ“ во Градскиот парк, додека завршницата е планирана како фестивал на кејот на реката Вардар, каде се очекува учество на над 300 деца и околу 80 тренери.























