
Легендарниот дефанзивец на „кралскиот клуб“, Хозе Емилио Сантамарија, почина на 96-годишна возраст, соопшти Реал Мадрид.

Уругвајскиот репрезентативец пристигна во мадридскиот гигант во 1957 година и остави длабока трага во најславниот период на клубот. Во дресот на Реал освои четири европски титули, еден Интерконтинентален куп, шест шампионски титули во шпанската лига и еден Куп на Шпанија, одигрувајќи вкупно 337 натпревари во текот на девет сезони.
Претседателот на клубот, Флорентино Перез, истакна дека Сантамарија ќе остане засекогаш запаметен како еден од најголемите симболи на Реал Мадрид и дел од генерацијата што го обележа светскиот фудбал.
Сантамарија настапуваше за репрезентацијата на Уругвај на Светското првенство во 1954 година во Швајцарија, а подоцна го носеше и дресот на Шпанија на Мундијалот во Чиле во 1962 година.























