Возачот на Мекларен, Ландо Норис, и официјално е новиот светски шампион во Формула 1. Во една од највозбудливите и најнеизвесни сезони во последната деценија, Британецот со минимална предност од само два бода над актуелниот шампион Макс Верстапен ја освои својата прва титула во кариерата.
Во последната трка од сезоната, возена во Абу Даби, Верстапен стигна до победата, но третото место на Норис му беше доволно за да го задржи врвот во генералниот пласман. На подиумот се искачи и Оскар Пјастри, тимскиот колега на Норис во Мекларен, кој заврши втор на трката, а сезоната ја комплетираше како трет во генералниот поредок.
Мекларен одамна ја имаше осигурено титулата кај конструкторите, оставајќи ги зад себе Мерцедес и Ред Бул во една доминантна година за тимот од Вокинг.



























