
Од утре почнува судскиот процес за вкупно три обвиненија од ОЈОГОКК за 23 лица за предметите за полициските службеници за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. За утре е закажано рочиштето за тројцата полициски службеници, кои при изготвувањето записници внеле неточни податоци за правното и за одговорното лице.
ОЈОГОКК
„Обвинетите, при изготвување на записници за извршена контрола во клубот во кои констатирале сторени прекршоци по член 21 од Законот за прекршоци против јавен ред и мир, внеле неточни податоци за правното и за одговорното лице и дозволиле да бидат поведени прекршочни постапки против неактивно правно лице и физичко лице со намера за правното и физичкото лице да прибават имотна корист.“
Во текот на месец март треба да започат судењата и за останатите лица кои се опфатени, деветте полициски службеници обвинети за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Овозможиле објектот да добие лиценца во 2022 и 2023 година, а со намера да прибават имотна корист за правното лице во вкупен поголем износ од 284.576,00 денари за 2022 година и имотна корист за неформалниот сопственик на клубот, во вкупен поголем износ од 335.916,00 денари бруто плата.
Како и предметот во кој се опфатени 13 лица од кои 4 началници и 9 полициски службеници, обвинети дека не презеле соодветни мерки за заштита за присутните лица таа вечер, ниту мерки за спречување на активирање на пиротехничката опрема на сцената, иако употребата на пиротехниката не била пријавена во ПС Кочани.
Претходно постапката беше запрена за седум полициски службеници, за кои е утврдено дека биле надлежни да вршат проверки за јавниот ред и мир и безбедност во сообракајот.
Додека пак, Обвинителството и денеска се уште нема официјален став во врска со ревидирањето на обвинението за предметот „Пулс“, односно поднесеното барање од одбраната на екс министерот за економија Крешник Бектеши, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути и вработениот во министерството за економија Зоран Николовски. Иницијатива имаше и одбраната на екс министерот за економија Ваљон Сарачини. Адвокатот Ванчо Шехтански пак посочи дека не се исклучува можноста, Обвинителство тешко да докаже вина за групата обвинети.За овој предмет на обвинителна клупа се 35 физички и три правни лица, а на стартот на судењето сите се изјаснија дека не чувствуваат вина за она што им се става на товар.























