
Мечот меѓу Бенфика и Реал Мадрид во Лигата на шампионите, одигран во вторникот во Лисабон, понуди вистинска фудбалска драма, тензии и жестоки реакции на трибините.
По голот за Реал, Винисиус Жуниор го прослави погодокот со гестикулации кон домашната публика, што ја вжешти атмосферата на стадионот. Следуваа навреди од трибините, по што судијата накратко го прекина натпреварот додека ситуацијата се смири.
Тензијата продолжи и на теренот. При изведување корнер дојде до вербална пресметка меѓу Николас Отаменди и Винисиус, а аргентинскиот дефанзивец во еден момент го крена дресот и покажа кон своите гради.

Првично се мислеше дека станува збор за навреда, но од снимките подоцна стана јасно дека Отаменди всушност му ја покажувал тетоважата со пехарот од Светското првенство во Катар 2022 – симбол на титулата што ја освои со Аргентина.

Гестот брзо стана хит на социјалните мрежи и се толкува како „психолошка борба“ кон Бразилецот.

На крајот, Реал Мадрид славеше победа во првиот дуел со резултат 1:0, а сега вниманието се префрла на реваншот во Мадрид, каде се очекува нов жесток судир меѓу двата тима.























