
Центар за управување со кризи уште во декември минатата година испратил писмено предупредување до Општина Кисела Вода дека патот кон Теферич е небезбеден и дека постои ризик од свлекување на земјиштето, но и покрај тоа сообраќајницата останала отворена за сообраќај сè до февруари годинава.
Патот, кој последен пат беше реновиран и повторно пуштен во употреба во септември 2025 година, само два месеца подоцна бил посочен како ризичен. Според информациите од ЦУК, на 24 декември 2025 година до Општината било испратено известување со кое се барало надлежните служби итно да преземат мерки за обезбедување на локацијата, поставување соодветна сигнализација и евентуално привремено затворање на сообраќајот доколку постои директна закана за граѓаните.
И покрај предупредувањето, патот продолжил да се користи до 20 февруари 2026 година, кога асфалтот се расцепил, а дел од сообраќајницата пропаднал речиси еден метар поради големо свлечиште.
Оттогаш поминаа речиси три недели, а патот е целосно затворен по насока на Општина Кисела Вода. Во меѓувреме се изработува стручен извештај од експерти на Градежен факултет – Скопје за состојбата на теренот и можностите за санација.
Деканот на факултетот, Јосиф Јосифовски, вели дека ситуацијата е сериозна и дека е неопходна брза реакција за да се спречи дополнително ширење на свлечиштето.
„Откако ќе биде изготвен извештајот за процена на ризикот и проектот за санација, натамошните чекори ќе зависат од локалната самоуправа. Потребно е најитно да се реагира за да се спречи понатамошно развивање на свлечиштето“, посочува Јосифовски.
Од ЦУК објаснуваат дека вакви процени за ризици и опасности се изработуваат за сите општини и се доставуваат до локалните власти, кои потоа преку советите на општините треба да ги разгледаат и да постапат по нив.
Сепак, од Центарот нагласуваат дека општините немаат законска обврска веднаш да постапуваат по добиените предупредувања.
По инцидентот, пропаднатиот дел од патот останал отворен за движење уште околу 24 часа, по што Општина Кисела Вода донела одлука сообраќајницата целосно да се затвори. Таа ќе остане затворена сè додека не биде изработен основниот проект за санација.























