
Иранските вооружени сили објавија видео на кое се гледаат воени бродови, со порака дека Иран има целосна контрола врз стратешкиот Ормутски теснец и дека нема да дозволи премин на бродови од земји кои учествувале во нападите врз државата.
Во соопштението на Централната команда „Хатам ал-Анбија“, единица задолжена за надгледување на воените операции, се наведува дека теснецот е под контрола на поморските сили на Револуционерната гарда.
„Нема сомнение дека Ормутскиот теснец е под мудро управување на храбрите поморски сили на Револуционерната гарда. Американските агресори и нивните партнери немаат право на премин тука“, се наведува во соопштението.
Во видеото, според медиумските извештаи, се гледа најмалку еден брод со руско знаме, но не е познато кога е направена снимката, ниту пак нејзината автентичност е независно потврдена.
Претходно Иран соопшти дека го затвора теснецот за бродови на земји поврзани со нападите на Соединетите Американски Држави и Израел. Ормутскиот теснец е еден од најважните светски морски патишта за транспорт на нафта и енергенси.
Во меѓувреме, нападите врз бродови во регионот продолжуваат. Според британската организација UK Maritime Trade Operations, од почетокот на војната на 28 февруари досега биле нападнати најмалку 13 бродови во Персискиот Залив, Ормутскиот теснец и Оманскиот Залив.
Ноќеска биле нападнати и два брода во близина на ирачкото пристаниште Ум Каср, во близина на Басра, при што едно лице загинало, а 38 се повредени.
За ситуацијата се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека САД веќе постигнале значителен успех во воените операции.























