УТРО.мк

Скопје троши вода како никогаш досега – делови од градот веќе без притисок и со рестрикции

Скопје троши вода како никогаш досега – делови од градот веќе без притисок и со рестрикции
Vero

Сериозна тревога стигнува од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“: градот е на работ на водна криза поради енормна потрошувачка која вчера достигнала дури 360.000 кубни метри вода – речиси еден кубик дневно по возрасен жител. Оваа бројка е еднаква на 144 олимписки базени или 9.000 водовозни цистерни.

Последиците веќе се чувствуваат – во делови од градот има намален притисок и повремени прекини во снабдувањето со вода. Од претпријатието апелираат до граѓаните за итно и рационално користење на водата, со посебен акцент да не се троши за полевање тревници, миење возила или полнење базени.

„Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода од непроценлива вредност. Ако не се реагира навреме, цели делови од градот може да останат без вода,“ предупредуваат од претпријатието.

Дополнителен проблем се и дивите приклучоци и кражбите на вода, кои, според проценките, предизвикуваат загуби од дури 65%. Овој проблем е одамна познат, но и натаму останува нерешен. Градските власти и градоначалничката Данела Арсовска, според „Водовод“, не преземаат конкретни мерки за да го спречат нелегалното користење на водата, кое најчесто завршува за наводнување на приватни имоти и земјоделски површини.

Доколку состојбата продолжи, Скопје би можело да се соочи со уште посериозни рестрикции во водоснабдувањето.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран