Архитектот и универзитетски професор Мишко Ралев реагираше на денешните обвинувања од СДСМ откако беше објавено дека ќе биде дел од тимот на кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Во изјава за „Локално“, Ралев одговори дека не е член на СДСМ и дека ангажманот со Ѓорѓиевски ќе биде исклучиво советодавен и хонорарен, доколку тој победи на локалните избори.
„Не знам зошто се занимаваат со мене. Јас не сум дел од СДСМ, а тие покажаа и дека не им требам. Јас сум професионалец и слободен човек на добар глас. Ќе бидам дел од советодавна Комисија за урбанизам и архитектура за доброто на градот, доколку Ѓорѓиевски победи. Таа активност би била хонорарна, останувам професор и декан на Факултетот за архитектура и дизајн“, изјави Ралев.