УТРО.мк

Ѓорѓиевски: Од депонии правиме паркови – отворен првиот инклузивен сообраќаен полигон и нов парк во Кисела Вода

Ѓорѓиевски: Од депонии правиме паркови – отворен првиот инклузивен сообраќаен полигон и нов парк во Кисела Вода
Vero

Во општина Кисела Вода денес беше отворен првиот инклузивен сообраќаен полигон, сместен во рамки на нов уреден парк со површина од околу 1.250 м², на локацијата на поранешен запуштен простор кај Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека грижата за лицата со попреченост е еден од врвните приоритети на општината и дека вложувањето во вакви проекти претставува конкретна потврда на таа заложба.

– Овој парк и полигон се симбол на инклузија и достапност. Се наоѓаат токму во училиште кое има специјална мисија – да обезбеди образование и поддршка за децата со оштетен вид. И затоа инвестираме тука – за да креираме средини што се прилагодени и корисни за сите, изјави Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека поддршката кон ова училиште започнала уште на почетокот на неговиот мандат, со донација на книги на Брајова азбука, а сега добива и инфраструктурна димензија.

Новото уредено катче во Кисела Вода е дел од пошироката стратегија на општината за претворање на запуштени површини во зелени, функционални простори за сите генерации.

– Од депонии правиме паркови, од запуштени простори – безбедни катчиња за децата. Тоа е визијата со која продолжуваме, порача градоначалникот Ѓорѓиевски.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран