
Пред почетокот на грејната сезона на 15 октомври, ЕСМ Снабдување со топлина ги повика скопјани приклучени на централното греење да ги завршат неопходните подготовки. Од компанијата нагласуваат дека исправните внатрешни инсталации и подготвените топлински потстаници се клучни за непречена испорака на топлина во сезоната 2026/2027.
Одржувањето на внатрешните грејни инсталации е обврска на потрошувачите, а секоја завршена интервенција треба веднаш да биде пријавена во Центарот за грижа на потрошувачи, пренесува 4news.mk.
Заедниците на сопственици треба да обезбедат пристап на службените екипи до потстаниците, да ја проверат исправноста на електричните инсталации и навремено да ги подмират сметките за струја. Редовното снабдување на потстаниците со електрична енергија е неопходно за функционирањето на системот.
Иако официјалниот почеток на сезоната е предвиден за 15 октомври, испораката на топлина може да почне и порано, доколку се исполнат температурните услови. Според регулативата наведена во известувањето, во периодот од 1 до 15 октомври греењето може да се вклучи ако прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е 12 Целзиусови степени или пониска, врз основа на податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.
До официјалниот старт, ЕСМ Снабдување секојдневно ќе информира дали се исполнети условите за испорака. На интернет-страницата на компанијата потрошувачите можат да проверат и дали нивната зграда е на списокот на објекти што не ги исполнуваат условите за снабдување со топлина.
Дефекти и завршени интервенции можат да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100. За дополнителни информации достапни се и службите на ЕСМ Енергетика на 02 3104 816 и 02 3104 872.























