
Ученици од повеќе основни и средни училишта во Србија денеска беа евакуирани по закани за поставени експлозивни направи. Наставата е прекината во повеќе градови, а полициски екипи ги проверуваат училишните објекти.
Во Лесковац, дојавите доведоа до евакуација на пет основни и едно средно училиште. Од локалната полициска управа потврдија дека заканите пристигнале преку електронска пошта, како и во претходните случаи. Наставата е прекината и во Музичкото училиште во Лесковац и во Основното училиште „Светозар Марковиќ“ во Вучје.
Заканувачки пораки од утринава пристигнале и на официјалните електронски адреси на бројни основни и средни училишта во Јужнобачкиот округ.
Неколку училишта во Белград исто така ја прекинаа наставата по добиените дојави. Во Нови Сад, поради закана за поставена бомба, евакуирано е Основното училиште „Вук Караџиќ“.























