
Спасувачките екипи во Истанбул продолжуваат да ги пребаруваат урнатините на станбена зграда во населбата Џевизли, откако рано утрово се урнале првите три ката од седумкатен објект.
Досега се извлечени осум лица, меѓу кои и три деца. Според гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, ниту еден од спасените не е во животна опасност.
Службите добиле пријава околу 5:40 часот по локално време, по што на местото биле испратени пожарникари, медицински екипи и специјализирани спасувачки тимови. Во потрагата се користат и кучиња трагачи.
Станарите од повисоките катови кои не биле директно зафатени од уривањето биле евакуирани, а спасувачите внимателно работат на расчистување на урнатините поради опасност од дополнително рушење.
Според првичните информации, постои сомнеж дека уште четири лица би можеле да се наоѓаат под урнатините, но бројката засега не е потврдена и може да се промени во текот на спасувачката операција.
Во приземјето на објектот се наоѓала текстилна работилница, која, според досегашните информации, била празна во моментот на уривањето.
На теренот е ангажирана и тешка механизација, додека околните улици се затворени за сообраќај. Од безбедносни причини биле евакуирани и жители од дел од соседните објекти кои се проценети како потенцијално загрозени.
Гувернерот Ѓул најави проверки за можни неправилности поврзани со изградбата на зградата и издавањето на потребните дозволи.
Причината за делумното уривање засега не е позната. Надлежните служби продолжуваат со истрагата, додека спасувачите остануваат на терен и трагаат по евентуални преживеани.























