
По утврдениот недостиг од 80 милиони денари на сметката на Државна лотарија, ќе следуваат проверки на работењето во 2023 година, а можно е да биде опфатена и 2022 година. Ова го најави генералниот директор Александар Климовски, пренесува Скопје1.мк.
Климовски објасни дека недостигот бил утврден од Државниот завод за ревизија при ревизијата за 2024 година. Со проверките на претходните години треба да се утврди дали и во тие периоди недостигаат средства.
Одговарајќи на прашање за последната независна ревизија на дневните уплати, прометот и целокупното работење, тој посочи на проверката што ја спровел ДЗР за 2024 година.
Според Климовски, веднаш по преземањето на директорската функција се обратил до Државниот завод за ревизија, имајќи го предвид обемот на материјалот поврзан со работењето на Лотарија.
Тој додаде дека уште пред објавувањето на конечниот ревизорски извештај добил индикации за можни неправилности и одлив на пари, по што била алармирана Финансиската полиција.























