
Околу 400 кубни метри огревно дрво, со проценета пазарна вредност од околу два милиона денари, се одземени од скопска фирма што се занимава со трговија со дрва, соопшти заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.
Според неговата објава, акцијата се спроведува по налог на Основното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција. Во неа учествуваат и служби од повеќе подружници на јавното претпријатие.
На одземањето му претходела интензивна истрага во изминатите десетина дена, во која се проверувале сомнежи за нелегален превоз и продажба на огревно дрво.
Михаилов наведува дека досегашните информации упатуваат на можно дејствување на организирана група, која, според неговите сомнежи, подолг период остварувала незаконски приходи од овие активности.
Се проверуваат и можни врски со повеќе подрачја, меѓу кои Скопска Црна Гора, Китка и планински региони во Гостивар и Велес. Според Михаилов, истрагата опфаќа и евентуална вмешаност на лица од институциите задолжени за спречување вакви злоупотреби.
Тој порача дека случајот треба да покаже оти законот важи подеднакво за сите.
Засега нема дополнителни официјални информации од надлежните институции за наодите од истрагата или за евентуално поднесени пријави.























