
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска оствари средба со претставници на МК25, на која разговараше за економскиот развој, инвестициите и зајакнувањето на врските со дијаспората.
На средбата присуствуваа Мајк Зафировски, Никица Мојсовска-Бражевска и Арбен Јусуфи, а во фокусот на разговорите беше поддршката на компании управувани од дијаспората за инвестирање во Македонија, како и создавање услови за поголемо вклучување и враќање на иселениците во земјата.
Меџити посочи дека се разговарало и за потребата од елиминирање на бирократските бариери во институциите, со посебен акцент на локалното ниво, со цел процесите да станат поефикасни и подостапни за инвеститорите.
Дел од средбата бил посветен и на зајакнувањето на врските со албанската дијаспора и создавање поблиски односи со институциите во државата.
Според Меџити, потенцијалот на дијаспората треба многу повеќе да се искористи за економскиот и општествениот развој на земјата.
Тој оцени дека ваквите средби се значајни за градење партнерства кои носат развој, соработка и нови можности за граѓаните и државата.
















