
Најмалку 12 лица, меѓу кои и две деца, загинаа во напад врз станбена висококатница во Киев, пренесуваат украинските медиуми и меѓународни извори. Според информациите нападот предизвикал големо разурнување на висококатница во комплекс згради во главниот град на Украина, Киев, а спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани под урнатините.
Украинските власти веднаш побарале итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации поради, како што наведуваат, ескалацијата на нападите врз цивилни објекти.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека „ваквиот обем на руски терор бара решителен меѓународен одговор“, потенцирајќи дека нападите врз цивилни цели претставуваат сериозна закана за безбедноста и стабилноста во регионот.
На социјалните мрежи се појавија снимки од моментите по нападот, на кои се гледаат оштетени станбени објекти, чад и паника меѓу жителите. Спасувачките служби се на терен и се обидуваат да ги расчистат урнатините.
Нападот доаѓа во период на зголемени тензии и интензивирање на воените дејствија, додека меѓународната заедница повторно повикува на прекин на нападите врз цивилното население.
















