
Француските здравствени служби соопштија дека засега нема докази за натамошно ширење на хантавирусот, откако сите лица кои биле во контакт со потврдени случаи биле тестирани и резултатите се негативни.
Министерката за здравство Стефани Рист информираше преку социјалната мрежа X дека како мерка на претпазливост 26 лица се сместени под болнички надзор, иако кај нив досега не е откриено присуство на вирусот. Според неа, здравствените служби постапуваат внимателно поради високата проценета смртност од 30 до 40 проценти и можниот инкубациски период кој може да трае и до шест недели.
Во координирана акција меѓу „Јавно здравје Франција“, INSERM и ANRS-MIE, експертите засега заклучуваат дека не постојат индикации за пренос на вирусот меѓу луѓе. Лицата кои се под медицински надзор ќе продолжат да се тестираат неколку пати неделно, но властите најавија дека редовно информирање за резултатите ќе се објавува само доколку се појави позитивен случај.
Според податоците од француските служби, вкупно 22 лица се хоспитализирани како блиски контакти на почината пациентка од Холандија, а меѓу нив има и четири деца на училишна возраст.
Паралелно со ова, француската влада уверува дека здравствениот систем е подготвен за можни поголеми епидемиолошки сценарија, истакнувајќи дека националните резерви на заштитни маски се доволни за најмалку три месеци.
Во меѓувреме, посебно внимание привлекува случајот со Французинка заразена со хантавирус за време на патување со крузерот „MV Hondius“, која се наоѓа во критична состојба на интензивна нега. Лекарите наведуваат дека пациентката има тешка кардиопулмонална форма на болеста, со сериозно оштетување на срцето и белите дробови.
Еден од специјалистите за инфективни болести, Гзавије Лескур, изјави дека кај неа се применува и екстракорпорална оксигенација, технологија што привремено ги заменува функциите на белите дробови, во обид да се стабилизира состојбата додека организмот се бори со последиците од инфекцијата.
















