Селата Љубанци и Љуботен во скопската општина Бутел наскоро ќе добијат чиста вода за пиење, благодарение на еден од најзначајните капитални проекти во општината.
На барање на Општина Бутел, Владата на Република Македонија обезбеди над 110 милиони денари за реализација на проектот за водоснабдување на овие две населени места, информираше градоначалникот Дарко Костовски.
– Изразувам голема благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, како и до вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николовски, за поддршката што ја добивме при реализацијата на овој стратешки важен проект, изјави Костовски.
Тој упати благодарност и до жителите на Љубанци и Љуботен, кои, како што рече, дале силна поддршка и препознале искрена заложба од страна на локалната самоуправа за конечно решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето.
Во изминатиот период, Општина Бутел изработи комплетна проектна документација за која одвои над 4 милиони денари од општинскиот буџет.