Две лица се повредени во голем пожар што синоќа зафати неколку куќи во скопската населба Злокуќани. Според информациите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, огнената стихија била изгасната во раните утрински часови, по повеќечасовна интервенција со десет противпожарни возила и значителен број пожарникари.
Пожарот зафатил кровните конструкции на куќите кои се наоѓале една до друга, а поради нивната блискост и градба, постоела сериозна опасност огнот да се прошири и на соседните објекти. Станува збор за таканаречени „лепенки“, типични за оваа населба, што дополнително ја отежнало интервенцијата.
Причините за избувнувањето на пожарот засега не се познати, а надлежните институции најавија увид и истрага за утврдување на околностите. Повредените лица се хоспитализирани и се наоѓаат надвор од животна опасност.