УТРО.мк

САД испорачаа оклопни транспортери за Косово – продолжува вооружувањето на косовските безбедносни сили

САД испорачаа оклопни транспортери за Косово – продолжува вооружувањето на косовските безбедносни сили
Vero

Косовските безбедносни сили добија нова пратка на оклопни транспортери М1117 од Соединетите Американски Држави, со што се продолжува процесот на модернизација и дополнително вооружување на армијата. Испораката е потврдена од Министерството за одбрана на Косово, но бројот на пристигнати возила сè уште не е официјално објавен.

На социјалните мрежи и во косовските медиуми се појавија снимки на кои се гледаат неколку камиони за влечење како транспортираат оклопни возила М1117, познати по својата издржливост и примена во американските вооружени сили. Според истите извори, ова е само прва испорака од неколкуте што се очекуваат во наредниот период.

– Потврдуваме дека добивме неколку оклопни возила, произведени во САД, кои беа набавени во рамките на билатералниот план за купување меѓу државите, претходно одобрен – соопшти Министерството за одбрана на Косово.

Оваа аквизација е дел од пошироката соработка меѓу Косово и САД во областа на одбраната. Минатата година, американскиот Конгрес одобри испорака на 246 ракети „Џавелин“ за потребите на Косово, со вкупна вредност од 75 милиони долари.

Испораката на М1117 оклопни транспортери дополнително ќе ја зголеми мобилноста и безбедноста на косовските сили, што според тамошните власти е клучен чекор во насока на јакнење на националната безбедност и регионалната стабилност.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран