Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, остро предупреди дека земјите како Бразил, Кина и Индија би можеле да се соочат со сериозни секундарни санкции доколку продолжат со економска соработка со Русија. Изјавата доаѓа само ден по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за испорака на ново оружје за Украина и воведување 100% царини за сите купувачи на руска стока, доколку не се постигне мировен договор во рок од 50 дена.
„Мој совет до овие три земји, особено ако живеете во Пекинг, Делхи или сте претседателот на Бразил: размислете сериозно, бидејќи последиците може да бидат тешки“, изјави Руте пред американски сенатори. Тој дури ги повика лидерите на овие земји да извршат притисок врз Владимир Путин да се вклучи во сериозни мировни преговори.
Републиканскиот сенатор Том Тилис ја поздрави Трампова иницијатива, но изрази загриженост за рокот од 50 дена, стравувајќи дека Путин може да го искористи тоа време за нови офанзиви или освојување територии пред преговарање.
Руте нагласи дека Европа ќе обезбеди доволно средства за да ѝ помогне на Украина да влезе во мировните преговори од позиција на сила. Со договорот постигнат со Трамп, САД ќе обезбедат масовна воена поддршка за Украина, вклучувајќи противвоздушна одбрана, ракети и муниција, а трошоците ќе ги покријат европските партнери.
На прашање дали станува збор и за ракети со долг дострел, Руте одговори: „И дефанзивно и офанзивно – има различни видови оружје, но за деталите работат Пентагон и сојузничкото командување во Европа заедно со Украинците.“