УТРО.мк

Словенија прогласи двајца израелски министри за „персона нон грата“: Први национални санкции во ЕУ поради насилството во Газа

Словенија прогласи двајца израелски министри за „персона нон грата“: Први национални санкции во ЕУ поради насилството во Газа
Vero

Словенечката влада објави дека ги прогласува израелските министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич за „персона нон грата“, поради – како што беше наведено – „геноцидни изјави и поттикнување насилство врз палестинскиот народ“. Одлуката доаѓа откако министрите за надворешни работи на Европската унија не успеаја да постигнат консензус за санкции против Израел.

Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, изјави дека станува збор за првпат една земја-членка на ЕУ да воведе вакви санкции на национално ниво. „Сакаме да испратиме јасна порака – колежот на невини цивили во Газа мора да престане,“ истакна Фајон.

Во соопштението на словенечката влада се наведува дека Бен-Гвир (министер за национална безбедност) и Смотрич (министер за финансии и одбрана) отворено повикуваат на етничко чистење, проширување на нелегални населби и насилство врз палестинските цивили. „Тие преку своите постапки директно придонесуваат за системско кршење на човековите права,“ се вели во документот.

Словенија со ова се приклучува на Канада, Австралија, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и Норвешка, кои уште во јуни воведоа санкции кон истите министри. Петте земји ги обвинија за поттикнување насилство на Западниот Брег, но словенечката влада оди чекор понатаму – директно поврзувајќи ги со воените дејства во Газа.

Фајон најави дека Љубљана ќе продолжи да се залага за поостар однос на ЕУ кон владата на Нетанјаху и дека се потребни „конкретни дејства, не само декларативна загриженост“.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран