Археолози на албанскиот брег на Охридското Езеро открија досега најстарата позната населба изградена на европско езеро, стара меѓу 6.000 и 8.000 години. Станува збор за откритие што би можело да го промени разбирањето за најраната човечка цивилизација на континентот.
Истражувачкиот тим од Швајцарија и Албанија, кој работи во близина на селото Лин, секојдневно нурка околу три метри под водата, каде што внимателно вади дрвени столбови – основа на древните куќи – како и коски од диви и домашни животни, предмети од бакар и украсна керамика.
„Благодарение на подводната положба, органските материјали се одлично зачувани, што ни дава можност да дознаеме што јаделе и што одгледувале овие луѓе“, вели Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн. Тој објаснува дека слични населби се пронајдени низ Алпскиот и Медитеранскиот регион, но оваа кај Лин е постара за цели 500 години.
Според него, оваа заедница, која броела неколку стотици луѓе, не само што преживувала преку лов и собирање храна, туку активно одгледувала земјоделски култури и домашни животни, што укажува на рано развиено земјоделство во регионот. Проектот досега истражил само 1% од локацијата, која се протега на површина од околу шест хектари.
Археолошките анализи, спроведени преку радиојаглеродно датирање и дендрохронологија (мерење годишни прстени на дрва), потврдуваат дека ова е најстарото езерско село во Европа.
„Нивниот начин на живот, архитектурата, техниките на лов и риболов – сè укажува дека овие луѓе биле неверојатно напредни за своето време“, истакнува албанскиот археолог Адриан Анастаси.
Целосната истражувачка работа може да потрае со децении, но веќе сега е јасно дека оваа населба претставува клучен доказ за раното ширење на земјоделството и животот на езерските заедници во Европа.
Статија преземена од Reuters