Нешто што до вчера изгледаше незамисливо – долгогодишните непријатели Ерменија и Азербејџан прават пресврт и склучуваат тивок сојуз со една цел: маргинализација на Русија од Јужен Кавказ. Последните дипломатски, економски и безбедносни случувања укажуваат на драматично редефинирање на регионалната геополитика, каде што Москва сè повеќе го губи својот влијателен статус.
Пресвртот започна со сериозен инцидент во декември 2024 година, кога руската противвоздушна одбрана по грешка собори патнички авион на Azerbaijan Airlines. Во трагедијата загинаа 38 луѓе. Иако рускиот претседател Владимир Путин изрази жалење, тој не ја презеде целосната вина – нешто што длабоко го налути Баку. Тоа беше само почетокот на брзата ескалација.
Наскоро следеше апсење на седум азербејџански државјани во Јекатеринбург, од кои двајца починаа во притвор. Реакцијата на Азербејџан беше остра: откажани се сите руски културни настани, претресен е локалниот офис на новинската агенција Спутник, а неколку руски државјани се уапсени под обвиненија за трговија со дрога и сајбер криминал.
Во исто време, ерменскиот премиер Никол Пашинјан одржа средби со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, покажувајќи нова политичка флексибилност и отвореност за соработка. Централна точка на разговорите беше коридорот Зангезур – транспортна рута што би го поврзала Азербејџан со ексклавата Нахчиван преку јужна Ерменија, и која би била дел од поширокиот „Среден коридор“ што ги поврзува Кина и Европа.
Договорот од 2020 предвидуваше овој коридор да биде под руска контрола, но Алиев сега бара целосно исклучување на Москва од тој аранжман. Овој потег, според аналитичарите, претставува сериозен удар врз влијанието на Кремљ во регионот.
Истовремено, и Ерменија почна да се дистанцира од Русија, особено по неуспешната улога на руските мировни сили при преземањето на Нагорно Карабах од страна на Азербејџан. Околу 100.000 Ерменци беа принудени на бегство, додека Русија остана пасивна – што дополнително го разочара Ереван.
Иако меѓусебната недоверба меѓу двете кавкаски земји останува, нивната заедничка потреба за безбедносна автономија ги зближува. Западот веќе предложи коридорот Зангезур да биде ставен под меѓународен надзор – од Швајцарија или САД – целосно исклучувајќи ја Русија.
Паралелно, Русија се обидува да го спаси влијанието преку наратив дека Западот стои зад кризата. Но реалноста е дека Москва е во ризик да го загуби и коридорот „Север-Југ“ – витален трговски пат што ја поврзува Русија со Иран и Индија преку Азербејџан.
Заклучокот е јасен: Ерменија и Азербејџан, некогаш непомирливи ривали и поранешни советски сателити, сега градиaт нова регионална архитектура без руска доминација. Ако оваа тенденција продолжи, тоа би можело да значи крај на руското влијание на Кавказот какво што го знаевме.