Регионалната депонија Русино наскоро ќе биде опремена со комплетно нова и современа механизација, откако Министерството за животна средина и просторно планирање денеска го потпиша договорот за нејзина набавка. Инвестицијата изнесува 1.142.200 евра и е дел од регионалниот проект за управување со цврст отпад.
Со проектот се предвидува набавка на компактор, товарач, трактор со приколка за вода, камион и потребни резервни делови. Механизацијата ќе овозможи Русино да функционира според еколошките стандарди и да обезбеди подобра заштита на животната средина, како и поквалитетни услови за жителите на Полошкиот регион.
– Оваа набавка претставува важен чекор за воспоставување на функционален, регионален систем за управување со отпадот. Благодарни сме за поддршката од меѓународните партнери кои со години се наш сојузник во напорите за унапредување на еколошките стандарди – изјави министерот за животна средина и просторно планирање и прв заменик на претседателот на Владата, Изет Меџити.
Проектот е финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со дополнителна поддршка од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Шведската влада преку СИДА (SIDA).
Набавката е одговор на барањата упатени до министерот Меџити за време на неговата неодамнешна посета на депонијата Русино, кога беше најавено дека ќе се работи на подобрување на условите и функционирањето на оваа стратешка локација.